Си ги даваме и испраќаме едни на други кога сме среќни, благодарни, весели, заљубени, восхитени… Ни овозможуваат да ги искажеме нашите чувства на префинет начин на најблиските, на роднините, пријателите, на колегите и клиентите. Ги оставаме да ни стојат на видно место, за да нè потсеќаат на убавите моменти кои вределе за да ги добиеме или си ги чуваме во некоја скришна фиока далеку од очите на другите, да им се навратиме на чувствата што ни ги побудиле кога ќе ни притребаат. Секогаш се тука за нас и за вас – нивното височество, честитките.
Честитките многу често ги земаме здраво за готово. Ги купуваме со секој подарок и со нив го кажуваме она што не може да го каже самиот подарок. Меѓутоа, дали сте се прашале од кога луѓето си праќаат честитки? Бидејќи нашето секојдневие во Ај честито е исполнето со размислување за нив, прочепкавме и дознавме некои интересни работи, па решивме да споделиме.

Честитка на староегипетски папирус
Имено, историјата на честитките датира уште од стара Кина и стар Египет. Древните Кинези разменувале срдечни пораки за да си честитаат Нова година, а старите Египќани за своите честитки користеле, секако, свитоци папирус.
Во 15. век и во Европа нашироко се распространила модата на разменување честитки. Со тоа што, тоа биле рачно направени честитки, од кои некои личеле на добропознатите милеа (само што биле од хартија) или биле мали таписериички. Меѓу нив, најпопуларни биле честитките за Св. Валентин. Овие светивалентински љубовни честитки својот врв го достигнале во 19. век, кога станале особено популарни и неодоливи.
Првата честитка која доживеала масовно производство била нарачана од Сер Хенри Кол од Лондон, кој го најмил сликарот Џон Калкот Хорсли да дизајнира картичка со која полесно и побрзо ќе може да им го честита Божиќ на своите пријатели (на насловната слика најгоре).
И така тргнало сериското производство… и не престанало до ден-денес.
Оние родени пред 2000-та ќе се сетат на времињата кога новогодишната магија беше исполнета од традицијата на правење списоци на кого сè ќе му пратиме честитка, па биравме соодветна честитка за секого, па ги испишувавме со најтоплите пораки и со најубавиот „везен“ ракопис, па ги испраќавме додека во исто време со радост го очекувавме да заѕвони поштарот и да ни ги донесе тие што некој друг ги испратил до нас.
И покрај тоа што времињата се менуваат и имаме впечаток дека дигиталните честитки денес доминираат, сепак, луѓето низ целиот свет сè уште сакаат да подарат и да добијат честитка.
Има и такви вљубеници кои се интересираат за нив на уште повисоко ниво, па од нивните истражувања ќе дознаеме дека на врвот на популарноста во светот се наоѓаат роденденските честитки, а ги следат новогодишните, па љубовните, па оние за искажување благодарност, за посакување брзо оздравување, честитање ново бебе итн.
Ве оставаме да уживате разгледувајќи ги нашите честитки на нашиот нов сајт, кој го направивме со идеја да ги направиме подостапни за сите честитките со кои АЈ ЧЕСТИТО кажано на македонски звучи најубаво и најтопло. И, за крај:
АЈ ЧЕСТИТО ЗА ИНТЕРЕСОТ И ЉУБОПИТНОСТА ЗА ЧЕСТИТКИТЕ 😉
Остави коментар